Пред десетина години светот “полуде” по ИТ. Се предвидуваше дека тоа е следната индустрија која ќе биде најпопуларна и секако ќе понуди највисоки плати. Со самото тоа што технологијата е сé поприсутна во секој дел од нашиот живот, логично е дека тоа отвора уште повеќе можности за кариера.

Како што се отвораат сé повеќе позиции во ИТ, искушението за промена на кариера е сé поголемо.

Но, пред да одлучиш да започнеш кариера во ИТ постојат неколку работи за кои треба да размислиш и неколку работи кои ќе ти бидат потребни.

Прочитај сé што треба да знаеш доколку размислуваш да започнеш кариера во ИТ индустријата.

  • Избор на професија

Без разлика дали за прв пат се спремаш за влегување на пазарот на работна сила, или сакаш да ја промениш твојата кариера, најважно е прво да размислиш за твојот личен потенцијал и твоите интереси и да одлучиш во кој сегмент сакаш да го насочиш твојот личен развој.

ИТ индустријата нуди можност за развивање кариера во поголем број области. Затоа е важно да одлучиш на кои технички знаења сакаш да се фокусираш. Дали сакаш да бидеш програмер, дизајнер, тестер, интегратор, администратор или нешто друго? За да си одговориш на ова важно прашање, најдобро е да направиш мини истражување. Откриј што професионалците од овие области најмногу сакаат да работаат, а што ги оптоварува. Во секоја професија постојат работни обврски кои се помалку посакувани, но и работни задачи и предизвици кои нудат поголемо задоволство. Откако ќе откриеш кој тип на работа најмногу те привлекува, тогаш ќе уживаш уште во самиот процес на учење.

  • Избор на начинот на учење

Откако потесно ќе го избереш полето во кое сакаш да го насочиш твојот професионален развој, треба да започнеш со процесот на учење. Овој процес за професионалците од ИТ индустријата практично никогаш и не престанува.

Барањата на клиентите, програмските јазици, алатките, техниките, односно технологијата во целост, многу динамично, скоро секојдневно, се менуваат и унапредуваат. Затоа треба да бидеш однапред подготвен за свое перманентно усовршување и интензивно учење.

Денес постојат повеќе алтернативни начини за стекнување на потребните знаења од областа на ИТ индустријата.

  • Традиционално формално образование

Иако факултетската диплома повеќе не е основен предуслов за вработување кај најголемиот број компании од ИТ индустријата, сепак соодветното академско образование ги нуди теоретските основи за т. н. ИТ размислување, алгоритмите, структурите на податоци, компјутерските мрежи и т. н. За младите ова е добар начин да ги совладаат теоретските основи врз кои понатаму ќе ги надополнуваат сите свои технички знаења, во својата кариера.

  • Самостојно учење

Преку самостојно учење, може да се заштедат пари, но притоа треба да се вложи повеќе време и енергија. Интернетот е непресушен извор на т. н. on-line курсеви и разни други материјали, како што се книги, примери, видео секвенци и сл.

Заради турбуленциите коишто се случуваат во ИТ индустријата со голема динамика, често се случува одредени јазици, алатки, барања и сл. да се напуштаат за само неколку месеци откако станале актуелни на пазарот. Затоа при ваквиот пристап на учење посебно треба да внимавате материјалите да бидат точни и актуелни. Притоа е важно да не користите застарени јазици, техники или алатки.

  • Неформално образование

Едукативните Центри, преку специјализирани курсеви го нудат неопходното теоретско знаење, но воедно овозможуваат и практична работа на конкретни задачи и актуелни проблеми. На овој начин ќе се доближеш до секојдневната реална работа, така што кратко по успешно завршување ваков вид обука, брзо можеш да станеш дел од ИТ индустријата.

Специјализираните курсеви и академии овозможуваат забрзано учење и најчесто траат само неколку месеци. За успешно да се совладаат потребните теоретски знаења, како и практичните вештини, за време на курсевите и академиите неопходно е целосно да се инволвираш во интерактивната работа, која често вклучува и работа во тимови.

Ваквиот пристап на учење, во светски рамки сé почесто е препознат како најдобар и најбрз начин за стекнување и развивање потребни вештини, кои на кандидатите им овозможуваат соодветно вработување.

Да не ги заборавиме т. н. меки вештини. Потребата од комуникација со членовите од тимот и со клиентите, од вас ќе ги бара и ваквите вештини, затоа што се исто така важни за успешно работење.

  • После вработувањето

Во текот на својот работен ангажман, секој успешен професионалец од ИТ индустријата постојано има потреба од совладување нови програмски јазици и алатки, како и од адаптирање кон нови парадигми, предизвици и сл.

Затоа откако ќе ги совладаш основите, а посебно во првите месеци од вработувањето, потребно е кај себе да развиеш вештина за самостојно учење и надградување. Тоа ќе биде главното орудие за да напредуваш во твојата кариера.

Доколку текстот ги разреши твоите дилеми и сакаш да бидеш дел од ИТ светот погледни ги академиите и курсевите кои ги нудиме и направи го првиот чекор денес!