Запознај го Деан Јошевски

Август го посветуваме на нашиот предавач и управител на ⋮ИВЕЦ, Деан Јошевски.

Тој е предавач на курсот “Подготвителен курс за развој на софтвер” и “Full-stack академија за компјутерски науки и развивање софтвер”.

Темел на неговото искуство во ИТ индустријата  претставуваат неговите студентски денови, кога го добива и својот прв ангажман како демонстратор за повeќе предмети, каде обучува за AutoCAD, но воедно креира и апликации за специфични калкулации од областа на машинството.

Во 2000та година основа своја мала фирма, каде што работи како раководител, предавач, програмер, но и како сервисер и администратор на компјутерски системи и мрежи. Во периодот од 2011 до 2019 година паралелно бил ангажиран и во друга компанија, каде што има улога на програмер и предавач. Во почетокот на 2019 година целиот свој ангажман го насочува кон ⋮IWConnect и ја презема улогата на раководител на ⋮IW Education Center (⋮ИВЕЦ).

Автор е на неколку книги од областа на информатиката и развојот на софтвер.

Зошто избра да работиш со делот од ИТ посветен на системските интеграции и дали некогаш си се двоумел?

Системската интеграција ја нарекувам „кралица на развојот на софтвер“, затоа што овозможува „од високо“ да се согледаат сите аспекти од развојот на софтвер, а посебно начинот на комуникација на разните сегменти од кои се гради целиот систем. Интеграциите даваат можност комплетно да се согледа логиката на бизнисот за којшто се дефинира интегрирањето, што е исто така многу интересно. 

Во областа на системските интеграции ⋮IWConnect е лидер во регионот, но и на светско ниво. Тука добив можност да работам и обучувам за оваа област. Денес тоа го правам за наши клиенти од западна Европа и САД, но и за кандидати – студенти од нашиот град и нашата земја. Тоа ме исполнува и затоа воопшто не се двоумам.

Кој ти бил најголем предизвик во работата?

Можеби тоа не беше предизвик во работата, но секогаш со задоволство се сеќавам кога во средно училиште, на мојот Comodore64, ги „позајмив“ главните актери (духови) од играта Pacman и ги заменив со птиците во играта Fenix. Новата игра Denix 😉 беше целосно функционална и ја игравме со моите другари. Тоа искуство ми помогна темелно да го разберам програмирањето на најниско – асемблерско ниво.

Кое е твоето најголемо достигнување на личен па и на професионален план?

Најверојатно тоа е токму она што го правам денес. Уште од средношколските денови, учам и работам во многу различни области од ИТ индустријата. Тоа искуство на одреден начин го „крунисав“ токму со системските интеграции.

Со која фраза ги мотивираш луѓето околу тебе па и себе?

„Инвестирај во своето знаење – инвестирај во својата иднина!“

Што имаш да им порачаш на оние кои се двоумат околу започнување на кариера во ИТ?

Да не се двоумат, 😉 затоа што да се работи во ИТ е многу интересно и динамично. Скоро секојдневно има нови предизвици и можност за учење нешто ново. Тоа значи дека треба да се ужива во процесот на усвојување и имплементирање нови знаења.

Оваа област за секого нуди по нешто. Се издвојуваат различни профили, како програмери, тестери, интегратори, администратори, менаџери и т. н.

Токму ваквата „шареноликост“ може да ги збуни почетниците и оние кои размислуваат да започнат кариера во оваа индустрија. Затоа ⋮ИВЕЦ нуди „Подготвителен курс за развој на софтвер“, кој ги разјаснува областите кои претставуваат фундамент при работата во повеќе профили од оваа област. За оние кои повеќе немаат дилеми и сакаат да започнат кариера во ИТ индустријата, нудиме „Ful-stack академија за компјутерски науки и развивање софтвер“. Особено ми е драго што по успешно завршување на оваа комплетна обука многу од слушателите станаа наши колеги.

Како влијае светската пандемија во твојата работа и дали и придаваш значење? Дали истата влијаеше врз квалитетот на курсевите?

Верувам дека во сè што е лошо, може да се најде и по нешто добро. Затоа уште на почетокот од пандемијата ⋮ИВЕЦ понуди три бесплатни курсеви, кои ги изведував за различни области, наменети за деца и за возрасни. На тој начин го зголемив искуството и во делот на изведување online обуки, а верувам дека помогнав за полесно адаптирање на сите нас, при првиот бран и првиот шок, кога требаше да се навикнеме да остануваме дома подолг период.

Ова искуство ми овозможи денес обуките да ги изведувам на комбиниран или т. н. хибриден начин, така што дел (ограничен број) од кандидатите се присутни во училницата, додека најголемиот дел од слушателите обуката ја следат online.

На овој начин го зголемивме квалитетот на изведување на обуките, а на нашите кандидати им овозможуваме избор за начинот на пристап до обуките. Притоа допревме до поглем број заинтиресирани за вработување во ИТ индустријата, кои не мора да бидат само од Битола.

За крај, дали успеваш да издвоиш време за себе и за своите најблиски?

Секако, тоа ми е многу важно. Голем дел од моето слободно време го поминувам „под оревот“ 😉, или во прошетки во природа, токму со моите најблиски.

Со голем број од моите студенти, по завршување на обуките, покрај тоа што стануваме колеги, стануваме и искрени пријатели. Со кандидати од последните две – три групи, отидовме на Пелистер – Големо Езеро и во Преспа – Љубојно, но и на други убави места од нашиот регион.

Популарни статии

X

Со еден клик дознај ги новите курсеви, промоции и попусти.