Запознај ја Христина Стојковска

Септември го посветуваме на нашиот предавач Христина Стојковска. Таа е предавач на обуката: „Обука за анализа на податоци”.

После нејзиното дипломирање на Факултетот за електротехника и информациски технологии, успешно ја гради својата кариера во ИТ индустријата веќе 6 години, од кои 5 во ⋮IWConnect како технички консултант.

Има претходно искуство во автоматско тестирање, .Net технологијата и менаџирање на пoдатоци. Моментално работи како Data Engineer, прави извештаи и бизнис анализа на податоци и ETL процеси.

Сертифицирана е за Azure Data Scientist Associate од Microsoft.

Зошто го избра токму овој дел од ИТ технологијата и дали некогаш си се двоумела?

Работата со податоци е атрактивна и за ИТ и за бизнис секторот поради потенцијалот кој податоците го имаат.  Секоја акција генерира нови податоци и важно е како тие податоци ќе бидат третирани и протолкувани. Прецизната анализа може да помогне во детектирање на проблеми, донесување на важни одлуки, па и предвидување на идни настани. Во моментов, ИТ индустријата доживува трансформација и засилен развој, а тој е основан токму на работата со податоци.

Кој ти бил најголем предизвик во работата?

Предизвици има секогаш и секаде особено кога се учи нешто ново, тоа во ИТ е константно.  Во текот на кариерата сум имала повеќе предизвици, но сега на нив гледам како лекции кои ми помогнаа да напредувам во кариерата.

Кое е твоето најголемо достигнување на личен па и на професионален план?

Сите достигнувања, па дури порази се градбени блокови на личноста која сме во моментот. Затоа е тешко да се издвои едно кое би било најважно или најголемо.

Целта на животот, а и на кариерата е постојаното усовршување, така што ако сметам дека сум реализирала сѐ, ќе треба да се пензионирам. 😉

Со која фраза ги мотивираш луѓето околу тебе па и себе?

Се трудам да им дадам поддршка и да ги потсетам дека секогаш има решение, само треба да се побара. И секако, секогаш да ја имаат во предвид целта заради која започнале.Тоа ќе ги држи мотивирани во предизвикувачките ситуации.

Што имаш да им порачаш на оние кои се двоумат околу ИТ технологијата?

ИТ индустријата е интересна и динамична, па така може да се најде за секого по нешто. Особено за млади луѓе кои сакаат да учат и да учествуваат во креирањето на иновациите на идината. Таа нуди поголема флексибилност во однос на другите работни профили и не бара формално образование.

Затоа, секој кој има желба и работи посветено може да биде успешен ИТ професионалец.

Како влијае светската пандемија во твојата работа и дали ѝ придаваш значење? Дали истата влијаеше врз квалитетот на курсевите?

Пандемијата за жал, влијаеше на сите нас, но многу повеќе на приватниот отколку на професионалниот живот. За нас, во ИТ, единствена промена беше локацијата на канцеларијата. Навикнати сме на секојдневни online состаноци со клиентите од странство, така што не беше проблем да продолжиме со работа во тој стил. Постојат многу платформи кои овозможуваат одржување на online настава со висок квалитет и можност за комуникација на повеќе учесници во исто време. ⋮ИВЕЦ успешно ги спроведува скоро сите обуки на овој начин, а тоа го потврдува големиот број на вработени кандидати по завршувањето на курсевите.

За крај, дали успеваш да издвоиш време за себе и за своите најблиски?

Секако. Времето за себе и блиските е клучно за психичкото здравје на личноста. Со добра организација може да се најде време за сѐ.

Популарни статии

X

Со еден клик дознај ги новите курсеви, промоции и попусти.