
Март го посветуваме на нашиот предавач Маја Аврамовиќ. Таа е предавач во ⋮ИВЕЦ, на курсевите “Вовед во програмирање” и “Вовед во бази на податоци” за деца и млади.
Има деветгодишно искуство во ИТ индустријата, првично како предавач во Интегра Ултра на курсевите: “Објектно ориентирано програмирање со помош на JAVA SE”, “Работа со RDBMS”, “Основи на веб програмирање (HTML & CSS)”, “C/C++, JavaScript”, “Основи на компјутерски вештини”.
Паралелно, била шест години демонстратор на Факултетот за информатички и комуникациски технологии по предметите Структурирано и Напредно програмирање.
Дипломирала на Техничкиот факултет – Битола на отсекот Информатика и компјутерска техника. Постдипломски студии завршува на Факултетот за информатички и комуникациски технологии – Битола, на отсекот Информатика и компјутерска техника. Моментално го подготвува последниот испит на отсекот Мехатроника на Техничкиот факултет во Битола.
Во слободно време сака да чита книги и да патува.
Зошто го избра токму овој дел од ИТ технологија и дали си се двоумела некогаш?
Во текот на средното образование во Интегра Ултра го посетував курсот за Објектно ориентирано програмирање со помош на Java SE како и работа со релациони бази на податоци, па уште тогаш ми се појави желба еден ден да го правам истото и моето стекнато знаење да им го пренесувам на помладите генерации.
Кој ти бил најголем предизвик во работата?
Најголем предизвик ми бил успешно и навремено решавање на проблемите при развој на софтвер заедно со мојот тим. Во однос пак на предавањето, да им ја всадам љубовта кон програмирањето на најмладите слушатели.
Кое е твоето најголемо достигнување на личен па и на професионален план?
Најголемо достигнување на личен и на професионален план е што успеав паралелно да студирам на постдипломски студии и на втор факултет, да предавам и да бидам демонстратор на еден од факултетите, а притоа наоѓав време за себе и за моите најблиски.
Со која фраза ги мотивираш луѓето околу тебе па и себе?
„Ако го работиш она што го сакаш, нема да работиш ни еден ден во животот.“
Што имаш да им порачаш на оние кои се двоумат околу ИТ технологијата?
ИТ технологијата се развива секојдневно и вртоглаво, никогаш не е здодевно, има доста предизвици и секогаш има простор за напредок.
Како влијае светската пандемија во твојата работа и дали и даваш значење? Дали истата влијаеше на квалитетот на курсот?
Работата од дома како и работата од канцеларија си има свои предности и недостатоци. Се навикнавме на новото нормално и сфативме дека нашата професија дозволува успешно работење и на овој начин. Што се однесува до курсот, можеби повеќе внимание се обрнува на самиот материјал на овој начин отколку со физичко присуство и сметам дека нема негативно влијание на успехот на слушателите.
За крај, дали успеваш да издвоиш време за себе и за своите најблиски?
Со добра организација и планирање на времето, мислам дека секогаш може да се најде време за се’ и за секого.