Во овој специфичен период кога е најважно да сме одговорни и да си помагаме и поддржуваме, но секако да го искористиме времето паметно, Интерворкс Едукативен Центар поголемиот дел од курсевите ги префрли во виртуелниот свет.

Ангела и Весна се дел од курсот Современи методи на менаџирање, кој поради моменталната ситуација со Ковид-19  е еден од курсевите кои се преместија во нашата виртуелна училница. Решивме да ги прашаме како влијае моменталната ситуација на нивниот живот, што мислат за процесот на учење онлајн и како успеваат да останат продуктивни и да учат од дома.

Весна како слушател на курсот современи методи на менаџирање се соочи со транзицијата од физичка во виртуелна училница. Односно предавањата за курсот сега се одвиваат комплетно оналјн. Какво е искуството до сега?- Весна

До сега имам позитивно искуство, предавањата од курсот се одвиваат успешно без никакви пречки. Ги задржавме истите термини и продолживме со исто темпо на учење. Добра страна е што имавме можност да се запознаеме претходно со предавачот, нејзиниот начин на предавање и функционирање на предавањата, па добро се снајдовме во транзицијата која претставува одлично искуство за сите нас. Целосната посветеност и трудот кој го вложува предавачот од една страна, а и ние – слушателите од друга страна водат до успешно функционирање на виртуелната училница.

Кои се предностите на учењето онлајн?- Весна

Иако повеќето луѓе сè уште се скептични кога се работи за усовршување по пат на Интернет, многу е важно да се истакне дека овој начин на едукација постои со цел да се избегнат сите недостатоци на традиционалното учење. Традиционалното учење одзема многу време, а поради тоа многу луѓе кои имаат семејство или се вработени, се спречени да се усовршат или да ја променат својата кариера.

Онлајн учењето, веќе со години наназад претставува нов бран на образование кој поради своите предности станува сè попопуларен ширум светот. Една од најголемите предности на онлајн учењето е токму заштедата на време и финансии кои ни се потребни за да присуствуваме на предавањата. Освен тоа, комфорот кој ни го нуди домот ни овозможува многу поедноставно да ги стекнеме потребните вештини за изградба на успешна кариера. Онлајн учењето овозможува  да се усовршиме, без разлика на тоа каде се наоѓаме, а единствено ни е потребно уред и интернет конекција.

После ова искуство какво учење преферираш? Онлајн или офлајн?- Весна

Како дел од една модерна генерација која е сè повеќе мобилна, во движење и во тек со технологијата, би избрала онлајн учење поради тоа што покрај удобноста, сепак бара вештини за управување со времето, концентрација, самодисциплина, волја и силна мотивација и може да биде вистински предизвик за мене, за напредување во кариерата. Иако не ја потценувам моќта на физичкото присуство во училница како и директната интеракција со предавачите која може да се огласи попродуктивно врз начинот на учење. Сепак постојат курсеви и обуки кои мислам дека тешко е да се прилагодат на принципот онлајн и затоа, за нив е подобар офлајн начинот на учење.

Како и дали ти се промени во периодот на изолација? – Ангела

Не сметам дека јас се сменив во овој период на изолација. Да, се сменија многу мои навики, не можам да ги видам луѓето со кои ми беше исполнет секој ден, што навистина ми пречи бидејќи не е исто да разговараш преку видео повик и да ги прегрнеш тие личности.  Генерално моето активно секојдневие стана препасивно, но се „држам“ бидејќи на сето ова ќе му дојде крај, само е прашање на време. Сепак оваа ситуација има и предности, а тоа е тоа што конечно можеме да се посветиме на себе и на семејството, кое во овај период од животот понекогаш знаеме да го запоставиме поради забава, дружење и комуникација со нашата возрасна група.

Дали сметаш дека курсот го дава истиот квалитет и откако се префрли во виртуелна училница? – Ангела

Да, сметам дека курсот го задржа својот квалитет и после промената. Доколку се посветиме и ние како слушатели и предавачот нема да се почувствува голема разлика. Единствен проблем, според мене, може да биде концентрацијата, бидејќи ваков тип на курсеви ги слушаат повеќе генерации, па за оние кои дома и имаат малечки деца, малку е проблематично да се сконцентрираат и да останат сконцентрирани. За мене, лично, не претставуваше голем проблем бидејќи имам каде да се повлечам и никој не ме вознемирува, но сепак кога ќе ги сумирам сите резултати сметам дека е подобро курсевите да се одвиваат во физичка училница.

За крај како успеваш да останеш продуктивна дома? Дали можеби имаш свое домашно катче каде учиш? 😊 – Ангела

Да, ако имам определени обврски кои морам да ги завршам дома, тоа го правам со тоа што се повлекувам во мојата соба, каде што сум целосно изолирана од сите и можам да се сконцентрирам. Кога учам тоа најчесто го правам на бирото на кое имам некои предмети кои ме мотивираат.